На барање на Министерот за финансии Фатмир Бесими утре ќе има средба меѓу министрите и претседателите на сојузи и конфедерации на синдикати за да се надмине проблемот со зголемување на платите. Ова вешерва во емисија на ТВ„24“ го изјави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.
„Ние на последната седница на ЕСС изнесовме дека во името на солидарноста, функционерите треба да покажат добар чекор и да си ги вратат платите пред одлуката на Уставниот суд. Не дека ние ги сакаме нивните плати да ги земем, туку сакаме и ние да земаме поголеми плати. Во септември доколку се договориме за пораст или усогласување на платите во јавниот сектор, да се однесува на вработениот на најсико работно место и на претседателот. Ние како синдикални претставници, не може да дозволиме функционерите на 78% зголемени плати да добијат одреден процент на зголемување во септември“, изјави Трендафилов.
Тој објасни дека според некои најави во септември и функционерите ќе добијат зголемување на платите заедно со сите други вработени во јавниот сектор, што според него е недозволиво. Трендафилов смета дека функционерите треба да се откажат од зголемувањето од 78% и од септември платата да биде зголемена за сите.
На утрешната средба во Министерството за финансии, министерот Фатмит Бесими треба да ги изложи пресметките за зголемување на платите и како Буџетот ќе го издржи тоа.