Трендафилов: Не ни требаат сеирџии, Владата не остави во арената да се тепаме со работодавачите

by Fokus

Нејасно е како Владата еднострано одлучи да се изземе од трипартитниот социјален дијалог. Загрижува што не оставија во арената да се тепаме со работодавачите, знаејќи од претходно дека едниот ќе биде победник. Капиталот е далеку помоќен од работниците кога седиме на маса, нивната одлука тежи далеку повеќе од одлуката на работниците. Но, за да го вратиме балансот, излегуваме на улица, а тоа значи дека доаѓаме со капитал на маса колку капиталот на работодавачите. Тие ќе имаат да изгубат повеќе од работниците, ние сме 620 000, а 65 000 се работодавачи. Ако Владата им се плаши на 65 000 работодавачи, а не на 650 000 работници, тогаш некој прави многу погрешна математика, рече денеска претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов.

Работниците, нагласи, очекуваа Владата да испорача брзи, ефективни и ефикасни решенија за зачувување и унапредување на животниот стандард на работниците, а не само изговори од типот „само ќе гледаме сеир“.

– Сеирџии не ни требаат, ни требаат партнери што ќе седнат со нас на маса и ќе разговараат за овие битни прашања, не ни требаат луѓе кои само ќе не ислушаат, не ни требаат психијатри, туку луѓе кои ќе одлучуваат и кои ќе застанат цврсто на тоа што ќе го одлучат во интерес на работниците. Нејасно е како Владата еднострано одлучи да се изземе од трипартитниот социјален дијалог. Ако едниот од партнерите во трипартитниот дијалог се изземе од процесот на демократија, очигледно смета дека не треба да има демократски процеси по одредени прашања во државата, истакна Трендафилов.

Според него, ССМ од медиумите разбрала дека Владата ја формирала Комисијата која треба да ја утврди репрезентативноста на синдикатот.

– Чекаме да излезе решението во Службен весник и да добиеме покана на која ќе ги образложиме списоците што ги имаме доставено до надлежното Министерство уште во декември минатата година. Нашите очекувања се дека овој позитивен сигнал што го направи Владата ќе резултира со брза и ефикасна работа на Комисијата која ќе овозможи донесување решенија за утврдување репрезентатиувност на ниво на територија за да може да се откочат трипартитните економско-социјални тела како Комисијата и ЕСС, за да може да се заокружи целиот процес особено со потребата од растот на минималната плата, но и да се откочи процесот на колективните преговарања и договарања, како и склучувањето на колективните договорои преку доделување репрезентативност во јавен и приватен сектор, а се разбира и на гранските синдикати, нагласи Трендафилов.

Поврзани новости