Трендафилов: Барањата на Стопанска комора за ревизија на недела неработен ден се несериозни

by Fokus

Сојузот на синдикати на Македонија најостро се спротиставува на барањето на Стопанската комора на Северна Македонија да се разгледува Законот за недела неработен ден.

Во изјава за МИА, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов потсетува дека ССМ по пат на протести и штрајкови и преку социјален дијалог со Организација на работодавачи на Македонија и Владата го утврди правото недела да биде неработен ден за повеќе од 80 проценти од работниците, со право на додаток на плата за работниците кои работат во исклучоците каде што работниот процес не може да се прекине.

– Денес, работниците во Македонија се соочени со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати, како и барањата на газдите од Стопанската комора за кратење на работничките права, а особено кратење на неработните денови. Нагласуваме дека недела неработен ден врати малку од работничкото достоинство, а на претставниците од Стопанската комора им порачуваме дека со ваквите нивни ставови и ниските плати кои ги даваа на работниците предизвикаа егзодус на квалификуваните работници од Македонија. Истовремено, ги потсетуваме дека и сабота е неработен ден за работниците во Македонија поради тоа што во Македонија, по правило работната недела трае пет работни денови, вели Трендафилов за МИА.

Од ССМ прашуваат во кое својство Стопанската комора се појавува со барања кога партнер на синдикатите во социјалниот дијалог е Организацијата на работодавачи на Македонија.

– Најостро се спротиставуваме на ваквите несериозни барања, а доколку продолжат со ваквиот однос кон работниците, за многу брзо време работници ќе нема, а газдите сами ќе треба да ги засукаат ракавите и да работат, велат од ССМ.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески вчера изјави дека би сакал да има средба со синдикатите на која ќе ги соочат аргументите за недела неработен ден.

Поврзани новости