Тренд во Македонија: Запросуваат девојки со померанци од 6.000 евра!

by Fokus

Кученцата од расата померанец, познати и како помераниан бу, важат за едни од најслатките домашни миленици, кои стануваат се попопуларни и кај нас.

Ако во изминатите години можевме да ги видиме како верни придружници на светски познати личности, како на пример Парис Хилтон (која се пофали дека за миленикот издвоила дури 13.000 долари), Ева Лонгориа, Ози Озборн, Гвен Стефани, Силвестер Сталоне, Киану Ривс и многу други, денес овие крзнени топчиња можат се почесто да се забележат и кај нас.

Одгледувачницата ,,Ројал сибериан стар” во сопственост на Александра Василева веќе четири години ги одгледува и продава на љубителите на оваа раса, а во разговор за ,,Фокус” открива интересни детали поврзани со нив.

-Моментално во одгледувачницата имаме девет мали помераниани. Веќе четири години продаваме кученца од оваа прекрасна раса, и сите се купени од Русија, Белорусија, Украина, Санкт Петербург… Нивната цена се движи од 2.000 до 6.000 евра, и постои огромен интерес од страна на љубителите на кучиња. Во месец декември, лани, купивме прекрасен примерок од Русија по цена од 5.500 долари, пред три години купивме кученце, исто така од Русија по цена од 6.000 долари. Добрите познавачи на померанецот можат да ги препознаат, но за жал во последно време, како се повеќе расте популарноста на оваа раса, се појавија и луѓе кои продаваат мешавина на расата шпиц со померанец, наводно за пониска цена, без при тоа да им појаснат на купувачите дека не се работи за чистокрвен помераниан. Бројот на чистокрвни померанци во земјава е доста мал – раскажува Василева.

Таа додава дека и покрај високата цена, интересот за кученцата е доста голем, а доаѓале купувачи од цела Македонија. Раскажува за случка од неодамна, кога жена од Скопје неколку пати доаѓала во нејзината одгледувачница, сакајќи да купи кученце, но на крај поради пониска цена го купила од Србија. За кратко време зажалила, бидејќи наместо померанец и продале куче од расата самојед, кое за неколку месеци пораснало многу големо.

-Жената плачеше и ми раскажуваше. Дала 2.500 евра за него. Имала голема желба да чува мал, сладок померанец, а на крај завршила со самојед. Моја препорака, за сите кои сакаат да купат померанец е да причекаат додека кученцето наполни шест, седум месеци, дури на таа возраст се забележителни сите карактеристики специфични за оваа раса. Тука спаѓаат малите ушиња, муце, дуплото густо крзно… Померанците се модификувана раса од шпиц и специфично е за нив што се како мали мечиња, може да им се обликува крзното, воопшто не мирисаат. Имаат висина од 18 до 22 сантиметри. Околу митарењето, како и повеќето раси, се митарат два пати годишно, многу лесно учат, за кратко време стекнуваат хигиенски навики, сакаат да прават галама, да џавкаат, многу се забавни. Ние ги чуваме во домашни услови, постојано ни е весело. Не знам како е да се чува само едно куче, куќата ни е полна и разиграна со години наназад – вели Александра.

Инаку, таа е сестра на познатиот моден стилист Александар Дадар, кој исто така имал куче од расата чау – чау. И таа раса била застапена во нивната одгледувачница, а кученцата се продавале по цени од 700 до 1.200 евра.

-Купивме кученце чау – чау од Украина неодамна, по цена од 1.500 долари. И тие доста се бараат на нашиот пазар, но померанците се моментално најинтересни за купувачите. Во изминатиот период имав дури четворица купувачи, кои ми кажаа дека померанецот го купуваат за да ја запросат девојката со него. Интересен и уникатен начин на запросување, кој станува се попопуларен кај нас – раскажува Василева.

Кучињата од нејзината одгледувачница често биле дел од разни изложби и натпревари кои се случувале во земјава, но и во регионот. Имале освоено голем број на награди пехари. Исто така, имале и дресер. Наскоро планирале да започнат да увезуваат и од познатата раса априкот тои пудли.

Вики Клинчарова

Поврзани новости