Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес беше во теренска посета на Општина Прилеп. Во теренските активности ја опфати посетата на Центарот за церебрална парализа, Центарот за социјална работа и посета на корисници на услугата Помош и нега во домот.
За време на посетата на Центарот за социјална работа дополнителната заменичка министерка даде изјава за медиуми во која истакна дека ширењето на дезинформации за функционалноста на системот за социјална заштита никогаш не треба да биде тема за дебата на еден министер за труд и социјална политика.
„Денес по посетата на центарот за социјална работа во Прилеп уште еднаш потврдувам дека ширењето на дезинформации никогаш не треба да биде главното делување на еден министер. Туку чесната работа и запазување на потребите на граѓаните. Времето на Ковид нѐ натера да го направиме системот на социјална заштита флексибилен затоа што на граѓаните им беше потребна поддршката од државата и ние како Влада веднаш излеговме во пресрет. Во тој момент го спуштивме критериумот за поседување на возила за да може граѓаните полесно да стигнат до финансиски средства тогаш кога беа потребни лекови и поголема грижа за здравјето. Пред извесен период центрите беа обвинети за измама со податоци од мерка која ја донесов јас заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски“ истакна Тренчевска.
Таа посочи дека злоупотребата на системот за социјална заштита за неа претставува црвена линија која нема да ја премине и затоа кога веќе не било потребно системот да биде флексибилен потпишан е меморандум со кој ќе се подобри системот и нема да се злоупотребува.
„Во Прилеп се утврдени вкупно 118 случаеви кои се пронајдени благодарение на потпишаниот меморандум за размена на податоци во реално време. На истите им се дадени решенија за прекин на правото и забрана за користење на права од социјална заштита од една година“ изјави Тренчевска.