Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес на утринската емисија на телевизија Алфа зборуваше за покачувањето на пензиите согласно новата методологија за раст на пензиите и за финансиската поддршка од изминатиот период за најранливата категорија на пензионери.
„Во моментот 13 200 денари е најниската пензија. До септември оваа година имаме покачување од 24%, додека во изминатиот период согласно Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани беше исплатена материјална поддршка за 4 месеци од 1500 денари за пензиите од 11.525 денари и по 750 за пензиите од 11.526 до 14.000 денари“ рече Тренчевска.
Во однос на прашањата за барањата на пензионерите, министерката посочи дека јавноста и дел од пензионерите со повисоки примања не треба да ја злоупотребуваат ранливоста на пензионерите со најниски пензии за политички поени.