-Размената на искуства и вмрежувањето кои произлегуваат од одржување на настани за социјални претпријатија е од огромна корист за развојот и промовирањето на социјалното претприемништво, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Третиот саем на социјални претпријатија кој денес се оддржа во Скопје имаше над педесетина штандови, на кои се промовираа производи и услуги на социјални претпријатија од земјава, но и од Србија, Црна Гора, Косово и Албанија.
-Како Влада и Министерство за труд и социјална политика силно ги поддржуваме овие промотивни настани- саеми, каде што нечија реализирана идеја може да биде поттик за нови идејни решенија односно воспоставување и функционирање на нови социјални претпријатија. Важноста на социјалните претпријатија произлегува од нивната значајна улога која ја имаат во секое општество, а тоа е дека создаваат еднакви можности и овозможуваат еднакво општество, придонесуваат кон еколошки и економски развој, но и допринесуваат кон намалувањето на сиромаштијата. Тие го помагаат економски раст, влијаат на социјалната кохезија и развојот и примената на новите технологии, изјави Тренчевска.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека со Националната стратегија за социјалните претприемништво и со двегодишен акциски план, а во подготовка е и Закон за социјални претпријатија, јасно ја имплементираат стратешката определба за понатамошен развој и добивање соодветна позиција на социјалните претпријатија во националниот социо- економски контекст.
-Со институционалната поддршка за социјалното претприемништво, ги решаваме предизвиците и на централно и на локално ниво поврзани со сиромаштијата, невработеноста и други социо-економски прашања во врска со интеграцијата на ранливите групи. Социјалните претпријатија ќе придонесат во креирање на нови работни места за ранливите групи. Законот за социјални претпријатија е во последната фаза и веруваме дека до крајот на годината ќе биде усвоен, изјави Тренчевска.
Таа рече дека со законот ќе се дефинира како граѓанските организации, здруженијата на граѓани, задругите, компании и сите останати правни субјекти може да добијат статус на социјално претпријатие. Со статусот, овие претпријатија кои ќе вработуваат лица од ранлива категорија и кои го реинвестираат својот профит за остварување на својата општествена, социјална, солидарна и/ или еколошка мисија ќе може да добијат користи со кои ќе може да го растат својот бизнис, да вработуваат повеќе лица и да допринесат во решавањето на социо-економски проблеми.
– Социјалната економија е од голема важност во Европската Унија. Социјалните претпријатија се вистински целосно грижливи компании кои вработуваат лица кои без нив би биле без работа, без средства и без иднина. Благодарение на нив тие се сега дел од поширока заедница. Затоа ние го поддржуваме нивниот развој, гледаме голем напредок, но не смееме да застанеме тука, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.
Саемот го означи почетокот на Регионалниот форум за социјални претприемачи, конференција за важноста од развивање механизми за поддршка и законски рамки за поттикнување на социјалното претприемништво како моќен инструмент за социјален и економски развој во регионот.