Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на конференцијата „Фемицид во Северна Македонија и Западниот Балкан – Меѓународни стандарди и практика на судовите – презентација на извештаи“ го истакна семејното насилство како децениски проблем.
Таа ги посочи нејзините заложби и заложбите на претставниците на институциите и граѓанскиот сектор во борбата со родово базираното насилство.
„Факт е дека мојата должност како министерка е креирање на политики. Политики кои се засновани на истражувања и на директни контакти со оние на кои таа политика им е наменета. Оттука заедно со моите колеги и колешки од министерството се трудиме да сме во директна комуникација со жените, зошто нивните приказни, специфични потреби и предизвици се оној темел врз кој сакаме да го креираме и да го прилагодуваме системот за превенција и заштита од насилство врз жените“ рече Тренчевска.
Потсети и на кампањата „Гласна и храбра“ која беше спроведена во март од страна на Министерството за труд и социјална политика. Министерката сподели дел од приказните кои биле споделени за време на кампањата.
„На тој караван слушнавме за присилно затварање дома и за оневозможување една жена да заработува, слушнавме за жени сезонски работнички кои по напорен ден им се одземени парите со закани од страна на сопругот алкохоличар, слушнавме за акутно насилство на кое сведоци се децата и за гладни непроспиени ноќи и изнемоштени раце кои не можат да се грижат за семејството“ изјави Тренчевска.
Министерката истакна дека причината за непријавување на насилството е стравот на жртвите, но и недовербата во институциите, случаеви кои според неа се сведува на фемицид или убиство на жените.
„Во 2019та година од вкупно 5 убиства при семејно насилство 3 случаеви се фемициди, во 2020 година од 4 убиства при семејно насилство 3 се фемициди во 2021 година од 5 убиства при семејно насилство 3 се фемициди. Во 2022 година за жал бројката се зголемува и од вкупно 7 убиства при семејно насилство 6 се фемициди. И оваа година во само првиот квартал сме се соочиле со 3 фемициди, додека од неодамна имаше уште 2 случаеви“ рече Тренчевска.