„Вработените во јавниот сектор, а јас сум во комуникација со нив, даваат поддршка на овој општ колективен договор, даваат поддршка на методологијата за раст на плати. Целта на овој договор е да се задржат добрите работници во јавниот сектор. Со овој колективен договор и институциите ќе бараат зголемена продуктивност“ рече министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска во „Само вистина“ на Канал 5.
Таа додаде дека со системот за постојан раст на платите ќе се задржат добрите работници во јавниот сектор, бидејќи ќе им се гарантира дека секоја година ќе се покачуваат платите.
„Во разговорите понатаму и со гранските и со репрезентативниот синдикат ќе разговараме и за реорганизација на јавниот сектор. Тоа нема да значи губење на работните места, туку распоредување онаму каде што има потреба. Онаму каде што недостасува администрација, дел од вработените каде што има вишок ќе преминат“ рече Тренчевска.
Министерката додаде дека таа е против губењето на работни места во јавната администрација, туку за прераспределба во институциите каде што недостасуваат или во приватниот сектор.