Тренчевска се повлекува од функцијата претседател на Форумот на жени на СДСМ

by Fokus

Јована Тренчевска – екс министерката за труд и социјална политика објави на Фејсбук дека се повлекува од функцијата претседател на Форумот на жени на СДСМ.

Таа потенцираше дека од партиските структури се повлекува целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не ја изневерила довербата која и беше дадена.

– Со вчерашниот изборен ден покажавме дека живееме во демократска држава каде моќта е на народот! Онака како што и треба да биде. Благодарам на сите граѓани кои вчера излеговте и го дадовте својот глас за промени по ваша мерка! Во нашиот мандат како Социјалдемократски сојуз на Македонија, никој не оставивме сам, носевме мерки и закони кои помагаат на сите граѓани – посочи Тренчевска.

Таа додаде дека се донесени највисоките плати и пензии, се грижеле за најмладите и за лицата со попреченост.

– Затоа денес се повлекувам од мојата функција како претседателка на форумот на жени на СДСМ, функција која ја извршував чесно, достоинствено и во служба на граѓаните. Но, од моето делување сфатив дека на граѓаните не им се потребни само добри закони, туку и силни реформи! Продолжувам цврсто напред – појасни Тренчевска.

Рече дека се води од вредности во кои секој заслужува поддршка, можности и напредок, и така ќе делува од позиција на пратеник.

– Од партиските структури се повлекувам целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не сум ја изневерила довербата која ми е дадена, а од денес во СДСМ нека настапат оние со квалитети, вистински знаења, лицата блиски до народот на кои им се верува. Нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери. Јас верувам во моите социјалдемократи и знам дека промените ќе бидат на подобро – рече Тренчевска.

 

Поврзани новости