Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска денеска пред најавениот попладневен протест на МПЦ-ОА против законските измени за родова еднаквост, како и тој за матична евиденција, по брифингот со медиумите изјави дека ќе продолжи понатамошната дебата, но дека како што рече таа, за државата и натаму полот и родот се две различни нешта.
– Како борец за човекови права не можам да кажам дека протест не смее да се одржува. Протестот е легитимно право на секој. Но, легитимно право е да биде кажана и вистината за двата закони. Вистината за дефинициите и за механизмите. Треба да се разбере концептот на родова еднаквост во духот на меѓународните документи и во духот на сето она што постои како регулатива во нашата држава.
Родовата еднаквост не е исто што и половата еднаквост. Родовата еднаквост, не е исто што и родов идентитет. Родот и полот се дефинирани согласно постојната регулатива во државата и согласно она што државата си го превзела како обврска од Истанбулската конвенција, рече Тренчевска.
Министерката за законските измени за матичната евиденција рече дека само трансродовите лица же може да си го променат полот во изводот.
– Ако признаеме право на трансродовите лица, не губат останатите со тоа. Тоа само ќе го покаже демократскиот капацитет на општеството. Допринесуваме трансродовото лице да добие заштита и да добие можност да си ги реализира своите права, рече таа.Под мотото „Имаме должност да ги заштитиме децата“, Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА повика на сенароден собир против Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција, закажан за вечерва во 18 часот, пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.