„Покачување на пензиите за 6,8 отсто не сме кажале ниту јас, ниту кој било претставник на Владата. Претпоставувам од чија кујна е излезено 6,8 отсто“.
Ова денеска го изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска одговарајќи на новинарски прашања при промоцијата на Протоколот за постапување со деца со дијабетес во училиштата и детските градинки, во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје.
„Моите изјави беа меѓу пет и шест, но секогаш велев ќе ги почекаме податоците од Државниот завод за статистика затоа што тоа е институцијата што ги дава податоците за индексот на трошоци на живот и индексот за порастот на просечната плата“ – рече Тренчевска.
На прашање околу изјавите на некои пензионери дека со покачувањето од 5,3 отсто добиле само 200 до 300 денари, таа рече дека информација не е точна.
„Не верувам дека некој толку има добиено затоа што процентот 5,3 е согласно податоците од Државниот завод за статистика. Ако најниската пензија беше 12 500 денари на тоа кога ќе му пресметате 5,3 отсто е некаде околу 800 денари“ – рече таа.
Тренчевска додаде дека доколку има некој пензионер кој добил покачување од 200 или 300 денари да пријави до Министерството за труд и социјална политика.
Министерката Тренчевска се надева дека до крајот на месецот ќе има конкретни мерки со кои ќе го поддржат животниот стандард на пензионерите, особено на оние со ниски пензии.