Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во емисијата 24 Анализа зборуваше на тема пензии и нивниот раст согласно новата методологија.
Во однос на исплатата на пензиите согласно новата методологија и усогласувањето кое се прави два пати во годината во месеците март и септември, министерката појасни дека процентот од 5.3 отсто е согласно податоците кое се добиваат од Државниот завод за статистика. Со ова усогласување минималната пензија денес изнесува 13.200 денари, а просечната над 20.000 денари.
„Оваа Влада носи системски решенија. Ако Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ наместо популистички мерки и стиропор инвестираше во методологија денес ќе зборевме за минимална пензија од 25.000 денари. Ние градиме систем кој гарантира постојан раст.
Ако пред година и половина минималната пензија беше 10.480 денари, денес е 13.200 денари. Во услови на криза, пандемија, економска криза и војна се грижиме за раст на пензии, плати и за стандардот на граѓаните. Никогаш во историјата на државата немало раст на пензиите за 24 отсто, за околу година и половина,” истакна Тренчевска.