Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на МТВ рече дека „утре започнува со работа работната група која ќе работи на измени или ново законско решение за пензиско и инвалидско осигурување за минимална пензија и социјални мерки за пензионерите со ниски пензии“.
„Ќе се разгледуваат сите пристигнати предлози од здруженија на пензионери, од иницијативни одбори на пензионери кои протестираат, партија на пензионери и други чинители” посочи Тренчевска.
Таа напомена дека заклучоците на работната група ќе бидат доставени до Владата која ќе донесе конечна одлука.
„Секоја политика која нема да биде добра и ќе оди на товар на буџетот Фондот, ќе го зголеми дефицитот на пензискиот систем, затоа насочени сме кон добри политики и мерки кои ќе го задржат пензискиот систем стабилен и за овие 336.000 пензионери и за идните генерации на пензионери,” истакна Тренчевска.
Министерката посочи дека како и претходно и сега ќе се креираат мерки во чиј фокус ќе бидат пензионерите со пониски пензии, како и оние кои живеат сами.
„Пензионерите да бидат спокојни, пензиите ќе продолжат да се исплаќаат редовно, секој први во месецот,” порача Тренчевска.