„Министерството за труд и социјална политика во време кога јас бев министерка не функционираше под притисоци и наредби. Демократското делување е едно од начелата по кои се водевме како кабинет. И токму затоа, ја искажувам мојата лична поддршка на сите директори на Центрите на социјална работа, затоа што во две години мандат ниту еднаш не се посомневав во работата на вработените и никогаш корективните налози не беа истакнати јавно, во медиуми за политички поени. Воедно инспекциските надзори никогаш не беа користени за политички притисоци“ се вели во соопштението од Кабинетот на дополнителна заменичка министерка за труд и социјална политика – Јована Тренчевска.
„Моето делување како министерка ниту еднаш не се косеше со правата загарантирани со Уставот во нашата држава. Слободата на говор за мене е најважно човеково право и го охрабрувам секој еден граѓанин гласно да говори кога на било каков начин е повредено неговото достоинство. Последните реакции од кабинетот на техничкиот министер се проткаени само со напади, притисоци и видно непознавање на законите. Повторувам после секоја увидена неправилност во исплатата на било кое право од социјална заштита се врши теренски увид и доколку се утврди истото правото се прекинува и исплатените средства се враќаат назад!“ се вели во соопштението.