Детските градинки се места каде се создаваат спомени, како и места кои ветуваат сигурно и безгрижно детство, и иднина на секое дете кое влегува во предучилишното образование.
Како Влада и како Министерство за труд и социјална политика, имаме инвестирано и отворено 83 нови објекти, од 2017 година до денес, за околу 8.000 деца.- вели министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.
Таа деновиве беше во Кавадарци во посета на детската градинка ,,Рада Поцева”, а исто така и во Струмица, во детската градинка ,,Виножито”, инвестиција од околу два милиони евра, каде најави проширување на капацитетот, но и отворање на сензорна соба.
Во Кавадарци пак, во изминатите пет години се отворени пет нови објекти, инвестиција од над еден милион евра.
Тренчевска ја цитираше Марија Монтесори, италијанската докторка и педагог, позната по својот образовен систем ,,Монтесори” кој се однесува на децата од раѓање.
-Децата учат од она што ги опкружува, кажала Монтесори. Токму тоа е мотивот за нас како Министерство за труд и социјална политика и на Владата, да вложуваме во предучилишното образование, да стане синоним за објекти кои се врвни архитектонски решенија, кадар кој е обучен и охрабрен и деца кои се среќни и љубопитни.
Во градинките се наоѓа нашата иднина, иднината на децата и иднината на нашата држава. Затоа продолжуваме да вложуваме во објекти за предучилишно образование, и да вложуваме во капацитетите на стручниот кадар- истакна министерката.
Вики Клинчарова