Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на денешната панел дискусија: Дали жените и понатаму се недоволно застапени во политичкиот и јавниот живот?, се осврна на моменталната состојба во државата.
„Денес имаме 51 пратеничка, што не прави лидери во регионот и пошироко во однос на застапеноста во парламентот, 36% застапеност на жени во советите на локално ниво, 5 министерки и 3 заменички министерки и доволен број на државни секретарки. Но, за жал имаме само две жени градоначалнички. Ова покажува дека онаму каде што имаме квота, или законска обврска за номинирање на жени на важни позиции, се почитува затоа што има заштитни механизми, а онаму каде што е оставено на политичката волја, и на свеста во политичките партии жените се губат во номинациите и изборите, ова особено за градоначалничките“ рече Тренчевска.
Таа се осврна и на говорот на омраза, особено насочен кон жените вклучени во политичкиот и јавниот живот.
„Тоа нас, жените во политиката не не` обесхрабрува, но ги обесхрабрува оние жени кои сакаат да с вклучат во политиката. Улогата на институциите е многу важна, таа координираност и нивното постапување во законската рамка“ истакна Тренчевска.
Министерката посочи дека како држава имаме одлична законска рамка во секоја област, меѓутоа треба попосветена работа во нејзината имплементација, се мисли на институциите, судовите, обвинителството, особено во делот на откривање и казнување на сторителите, односно оние кои користат говор на омраза.
Таа посочи дека само со солидарност и меѓусебна поддршка, може да се постигне целта, еднакво општество за сите, општество во кое нема да зборуваме ниту за дефиниција на жени, ниту за мажи, затоа што тоа е апсолвирано многу одамна уште во 90-тите години.