Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вели дека антикризните мерки што ги усвои Владата не се за предизборни цели. Како што посочи, тие мерки се за поддршка на граѓаните во услови кога сè уште треба намалување на последиците од енергетската и ценовната криза.
„Пакетот мерки е во периодот кога имаме зголемени трошоци за енергенси секој во семејството, кога сѐ уште ги чувствуваме последиците од енергетската и ценовната криза, така што е наменета за поддршка на граѓаните“, рече Тренчевска денеска одговарајќи на новинарско прашање пред деветтата Меѓународна конференција посветена на жената Ромка и жените патувачи.
„Ако погледнеме наназад ќе се види дека и минатата година кога бевме далеку од избори, во декември беше донесен Законот за финансиска поддршка на ранливата категорија граѓани. И оваа година, е донесен нов пакет антикризни мерки и ќе се донесе повторно закон како ќе се имплементираат мерките што се посочени кон ранливите категории граѓани“ објасни министерката Тренчевска.
Со овој пакет антикризни мерки, ќе бидат опфатени приближно 440 илјади граѓани млади, ученици од основно и средно, студенти, лица кои примаат одредени социјални права и пензионери со ниски пензии.