Треба ли хронично болните млади да умираат, бидејќи некому не му се седи дома – прашува Игор Узунов кој страда од хронична болест

by Fokus

Игор Узунов е познат во јавноста како поп пејач и композитор, кој е присутен на сцената долги години. Организатор на голем број на хуманитарни настани, но и лице кое не сака да се експонира кога станува збор за неговите хумани подвизи.

Друштвен, секогаш расположен, активен на музичката сцена, поради што ретко кој би претпоставил дека токму тој спаѓа во ризичната група на лица со хронично заболување.

Дел од јавноста можеби знае за неговата животна битка, за хроничната миелоидна леукемија, од која пред околу 15 години излезе како победник. Но, малкумина знаат дека неговата битка на некој начин се уште не е завршена, и трае секој нов ден.

Тој е лице со висок ризик, сега кога е актуелна пандемијата на корона вирусот, а редовно уште од од 2005 година прима терапија и оди на контроли на клиника во странство. Како лице со намален имунитет, поради состојбата со вирусот, Игор (38) е во карантин. Не излегува од дома, изолиран е од луѓе, бидејќи и обичен грип за него би имал големи последици. Околу тоа, што би значел корона вирусот за него, но и за илјадници млади луѓе кои страдаат од хронични заболувања, вели дека не сака ниту да помисли во овие моменти.

За ,,Фокус” раскажува дека е згрижен бидејќи многумина не ги сфаќаат сериозно препораките на Министерството за здравство, и на некој начин се заборава не само на постарите лица кои се најранлива категорија кога е вирусот во прашање, туку дека и не се помислува на младите хронично болни кои исто така спаѓаат во ризичната група на граѓани.

-Некако 2020 година и плановите што ги имавме во неа, случајно или ненамерно доби некој поинаков тек… Ковид19 или попознат како корона вирус стана пандемија. Размислувајќи и читајќи за статистики околу заболувања од овој засега страшен вирус, иако за многумина се уште личи на обична настинка, сфатив дека и покрај навременото и одлично информирање од страна на врвниот неврохирург, сега министер Венко Филипче, токму тие многумина не ја сфаќаат сериозноста на цела ситуација. Не би рекол дека вирусот ја зафаќа најмногу постарата генерација луѓе. Ниту младите се поштедени, уште помалку хронично болните, или не дај Боже акутните случаи. Како лице кое страда од хронична болест ( хронична миелоидна леукемија), не сум единствен. Многумина не има, на разни возрасти. Терапиите и покрај тоа што редовно ги примаме, и покрај тоа што знаеме да се чуваме, сепак нашиот имунитет не е силен како кај здрави лица. Меѓутоа, и покрај сите препораки гледаме, се информираме од разни гласила дека се уште има несовесни граѓани кои ниту се придржуваат, ниту ги применуваат мерките на СЗО, а со тоа индиректно допринесуваат до побрз тек на вирусот помеѓу населението, и ширење на истиот- вели Узунов.

Додава дека хронично болните со својот имунитет тешко би се избориле со вирусот, и отворено ги прашува лицата кои не ги следат препораките на СЗО и оние кои не ја почитуваат наредбата за самоизолација, како можат да бидат себични и неодговорни кон колективното здравје.

-Би ги запрашал – зарем толку е себичноста моќна, па не Ви е грижа за сите оние кои тешко би се справиле со овој вирус доколку го закачат? Треба ли хронично болните да умираат, бидејќи некому не му се седи дома? Да, ние се грижиме за постарите, но дали постарите се грижат за себе, дали се грижат за помладите или поважно им е да завршат секојдневни обврски излегувајќи надвор и изложувајќи се на ризик и покрај тоа што знам дека слушаат информативни емисии по цел ден? Сите сме ризик за другите, сите можеме да допринесеме да се прошири вирусот и со тоа да допринесеме штета сами на себе и на цело општество. Ете Италија, младите таму, останатите ни се жив пример дека корона не е само обична настинка. Би требало да ги земеме за пример и да се помолиме за нив, што побргу да престане ширењето на вирусот. Да се придржуваме на препораките на СЗО, будно и свесно да го слушаме министерот за здравство и да седиме дома. Така ќе помогнеме заедно во сузбивање на пандемијата, ќе им се помогне на сите хронично болни кои тешко со својот имунитет би се избориле со вирусот доколку не дај Боже ќе повторам се заразат… А ние, дел од нас што се лекуваат во центрите во странство ќе почекаме да се отворат границите за да одиме на контрола и да ја примиме терапијата која ни е пропишана. Остани дома и помогни во сузбивањето на овој лош вирус!- порача Узунов.

Поврзани новости