Треба да се заразат над 25 илјади ученици, па да се оди на онлајн настава!?

by fokus

-Границата за преминување на онлајн настава ќе биде доколку 10 отсто од учениците се заразени. Родителите на децата што одат во училиште и градинка да се вакцинираат – порача пред два дена министерот за здравство Венко Филипче.

Неговата изјава предизвика реакции кај родителите кои се залагаат за онлајн настава, бидејќи според МОН во основните и средните училишта настава посетуваат 257.000 ученици, што би значело дека треба да се заразат дури над 25 илјади ученици, за да се оди онлајн.

Откако во тек на вчерашниот ден беа пријавени првите случаи на заразени ученици во скопски училишта, денес од МОН излегоа со податоци добиени од вчера од страна на раководствата на училиштата, дека биле активни 0,01% случаи кај учениците, а исто толку и кај наставниот кадар.

Според извршените епидемиолошки анкети ќе се знае на колку од соучениците на инфицираните ученици ќе им биде одредена изолација.

Од Министерството за здравство известија дека во анкетите се вклучени повеќе епидемиолози и ќе се одреди изолација само за оние деца како што налагал протоколот, но не и за цело одделение, доколку тоа не било потребно.

Сепак, во разговор за ,,Фокус” доктор Сашко Олумчев, епидемиолог во ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес, ПЕ Гевгелија, кој уште пред неколку дена изјави дека епидемиолошки не се исполнети критериумите кои гарантираат безбедност и здравје на учениците за започнување на наставата со физичко присуство, појаснува дека и при појава на еден заболен ученик, треба да се стави цело одделение во изолација.

-Со започнувањето на наставата со физичко присуство многу бргу ќе настане трансфер на вирусот помеѓу неимуната популација. Тоа во овој случај ни се децата, но и наставниците кои се невакцинирани и непрележани. Доколку се појави еден заболен, ќе мора да се стави цело одделение во изолација, со оглед на тоа што поради лошите простории и услови не може да се одржи минимално пропишаното растојание – е ставот на епидемиологот.

Тој и пред почетокот на учебната година, кога беа објавени протоколите според кои ќе се изведува наставата, порача дека не постојат базични услови за нивно спроведување во нашите училишта.

Истото изминативе два дена откако започна учебната година го тврдат и голем број на родители, кои алармираат за низа на непостапувања според протоколот, како што се одржување на дистанца, како во училници, така и во училишните дворови, посебно во оние одделенија каде што бројот на ученици надминува 20.

Во неформалната група ,,Поддршка за онлајн настава” која брои над 15.500 членови постојано се споделуваат искуства за случаи во кои не се почитуваат протоколите и се апелира да се донесе одлука за онлајн настава. Исто така, актуелна е неформалната група ,,Наставници за онлајн настава” каде наставен кадар споделува искуства од наставата, и која брои над 1.200 членови. И таму се чести коментарите дека протоколите се само за на хартија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости