Мислам дека сега сме во многу безбедна зона и дека тука ќе останеме барем неколку месеци. Сепак, мора да бидеме внимателни и да се подготвиме за евентуален нов бран на пандемијата, истакна претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.
Тој вечерва во гостувањето на телевизијата Телма посочи дека сега се наоѓаме во многу помирен дел од пандемијата, но мора да бидеме внимателни затоа што не знаеме што ќе ни донесе есента.
-Сега сме во еден многу помирен дел од пандемијата, не би рекол дека е зад нас. Мора да бидеме внимателни, не знаеме што ќе ни донесе есента, но мислам дека имаме неколку месеци, пролет и лето, кои ќе бидат стабилни и мирни. Од есен ќе правиме нови планови како понатаму, рече Петличковски.
Како што посочи, иако во моментов голем дел од европските земји имаат високи бројки на новооткриени случаи, оптоварувањето на нивните здравствени системи е мало, и затоа со повеќе лагодност прибегнуваат кон олабавување на мерките.
Тој информираше дека во моментов има вкупно околу 50-тина хоспитализирани ковид-пациенти во сите болници, во сите инфективни одделенија во државата, за разлика од над 2 000 колку што имаше во максимално лошите денови.