„Треба да се однесуваме како Европјани, не смее да се злоупотребува европското знаменце“ вели Пендаровски

by Fokus

Претседателот на државата Стево Пендаровски за време на денешната посета на државниот универзитет во Тетово, изјави дека во парламентот не смее да се злоупотребува европското знаменце. Одговарајќи на новинарски прашања, во врска со неговата одлука да не го потпише Законот за игри на среќа, тој кажа дека после неговата вчерашна одлука овој закон не може повторно да влезе со европско знаме и по скратена постапка.

„После мојата вчерашна одлука Законот не може повторно да влезе со европско знаме, туку треба да оди во редовна процедура. Штом ќе се случи потоа? Како што вели Уставот, ако со 61 глас го донесат денес, денес ќе го потпишам. Европската комисија од Брисел праќа писмо до Владата и вели: „Во процедура во Собрание имате Закон со кој практично се злоупотребува европското знаме, бидејќи таква европска директива нема“. Меѓутоа пратениците го усвоија тој Закон. Пред неколку денови европскиот амбасадор Гир доаѓа кај мене и вели: „Ова е злоупотреба, уште една во серија, на европското знаме“. Значи, никој не спори дали Законот е добар или е лош, вели не смее да биде злоупотребувано европското знаме. Ако сакаме да одиме во Европска Унија, мораме, пред да станеме членки, да се однесуваме како прави европјани“ изјави Пендаровски.

Според Пендаровски овој Закон мора да оди во редовна процедура и преку расправа да се увиди дали тој е добар или лош.

„ Имам добиено писмена забелешка од ЕУ дека се злоупотребува европското знаменце. Бидејќи јас сум легалист, за мене најважна работа е тоа да го нема. Кога Законот ќе оди во редовна процедура, македонската јавност ќе ги слушне аргументите и на едните и на другите и ќе заклучиме што е најдобро за нас“, додаде Пендаровски.

Поврзани новости