Треба да се балансира, вели Меџити на прашањето дали е поважно чист воздух или промена на грб и химна

by Фокус

Запрашан за тоа што е поважно, чистиот воздух или промената на грбот и химната, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити во интервју за „Рацин.мк“ вели дека треба балансирање.

-Во принцип треба балансирање за сите работи. Ова е политичка Влада. Не е експертска за да се посветиме само на експертски прашања. Треба и чист воздух и добри меѓуетнички односи, економски развој и животен стандард. Не може ова ќе направиме, друго ќе запоставиме – рече Меџити.

Како што рече Меџити, иако владата веќе ги има деталните анализи изработени со Светска банка и со УНДП и се лоцирани точните причинители за загадувањето, потребно е да навлезат подетално.

-Сакаме подетално да навлеземе, на пример во градот Скопје, каде што е поголемиот дел од населението во државата, и по реони да видиме како стојат работите и за причините за загадувањето, каде е понагласено, каде е помалку. Веќе знаеме дека прв фактор е тоа дека домаќинствата се грејат на сѐ и сешто. Втор фактор е урбаниот транспорт – вели Меџити.

Во врска со промените на државните симболи, Меџити истакна дека за тоа се уште нема политички договор, но дека се разговара.

-Ако се работи за грбот дека потекнува од времето на комунизмот и химната потекнува од тогаш, лебди и прашањето за албанскиот јазик. Сите знаат дека се над 20% граѓаните што го зборуваат албанскиот јазик и мислам дека треба и поголемата заедница, односно Македонците да работат на ова да не се чувствуваат Албанците понижени и да се идентификуваат со бројка за нивниот јазик, туку да стои во Уставот дека се работи за албанскиот јазик на републичко ниво, како што на локално ниво може да се работи за турскиот, српскиот и другите јазици – рече Меџити.

Поврзани новости