Транспаренси: Кривичната за Манчевски упатува на одмазда зашто пријавил можен судир на интереси

by fokus

Незаконитоста и судирот на интереси обелоденети кај Агенцијата за филм и понатаму опстојуваат, три месеци по објавување на анализата на Транспаренси, реагираат од организацијата.

-Ќе има ли реакција од надлежните институции по наодите на Транспаренси Интернешнл Македонија (ТИ-М) и на Државниот завод за ревизија (ДЗР), останува да се види. Сепак, со оглед на тоа дека овој проблем опстојува на начин што покрај репутациската, нанесува и финансиска штета на државата и на лица кои се охрабриле да пријават незаконитост,  ТИ-М продолжува со мониторингот и објавување на своите наоди, велат од организацијата.

Транспаренси Интернешнл Македонија изминатиот период по спроведениот Мониторинг на постапката за избор на филмски проекти во рамки на Конкурсот за финансирање на проекти за 2022 година во Агенцијата за филм за истиот изработи Анализа со укажувања за затекнатата состојба во моментот на извршувањето на
мониторингот.

-Агенцијата за филм од повеќе релевантни институции доби негативно мислење во однос на своето постапување, а следствено на тоа пријавителот кој прв укажа на таквите постапувања (режисерот Милчо Манчевски) доби кривична пријава и прекин на постапка за реализирање на филмски проекти. Ваквата фактичка состојба се коси со начелото за еднаквост од член 5 став 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси кој гласи:
„Секој има право да спречи или пријави корупција или извршување, односно пропуштање на дејствие што претставува искористување на функцијата, јавните овластувања, службената должност или положба за да се нанесе штета на друг, без да трпи било какви последици“, посочуваат од Транспаренси.

 Тие објаснуваат дека конкретно во проектот „Мајки“ за кој проект Агенцијата се повикува дека за истиот не е доставен Финансиски извештај, поминати се скоро 13 години, а од тогаш до денес Агенцијата дала позитивно мислење на повеќе проекти од истиот продуцент и тоа „Врба“, „Кајмак“ и „Биста“ и притоа не утврдила никакви неправилности, истото е констатирано и во извештајот од Министерството за култура.

– Затоа, индикативен е моментот кој е избран да се постапува по однос на проектите реализирани од страна на режисерот Милчо Манчевски, затоа што упатува на можност за одмазда кон лице кое поднело пријава и побарало да се испитаат состојбите на судир на интереси. Согласно законот за спречување на корупција никој не смее да трпи последици за пријавување на случај на коруптивно однесување. Исто така и Кривичниот законик предвидува казнена одредба доколку не се пријави незаконито постапување за кое некој ќе дознае во рамки на своето службено постапување. Исто така, се отвора прашањето дали Агенцијата самата признава дека прифаќала проекти кои не ги исполниле условите за конкурс за финансирање на филмски проекти, односно не спроведувала дејствија на проверка кои и се во надлежност согласно Законот за филмска дејност?, велат од Транспаренси.

Додаваат дека со Решението изготвено од Директорот на Агенцијата се нарушува и презумпција на невиност, а во случајот тој ја зема улогата на тужител и судија, па по сопствено решение, донесено спротивно на закон, исто така незаконито прекинува исплата на договорена обврска.

Транспаренси Интернешнл Македонија и укажува на Агенцијата за филм дека согласно Закон за филмска дејност ниту Управниот одбор, ниту Директорот на Агенцијата имаат надлежност да донесат одлуки со кои времено ќе ја стопираат реализацијата на наведените проекти. Агенцијата и продуцентот имаат склучено договор во кои се регулирани нивните взаемни права и обврски, а со ваквото постапување, Агенцијата се става во позиција на задоцнета исплата по што се остварува правото на барање на плаќање на казнена камата. Доколку дојде до наведеното, односно свесно извршени штетни дејствија на сметка на средствата на Буџетот на РСМ одговорна за таквите постапувања би била Агенцијата за филм и нејзините управни органи.

-Согласно наведеното сакаме да укажеме дека ваквите постапувања можат да подлежат и на кривична одговорност согласно членот 353 „Злоупотреба на службената положба и овластување„ од КЗ на РСМ., заклучуваат од Транспаренси.

 

Поврзани новости