Од Здружението Транспаренси Интернешенел реагираат на неизглaсувањето на измените на Законот за заштитени сведоци предложено од страна на Специјалното јавно обвинителство, а за кое се расправаше и гласаше на седницата одржана пред два дена.
-Транспаренси Интернешнел Македонија смета дека предложените измени се од голема важност за борбата против корупцијата која во моментов се случува во Република Македонија. Соодветната заштита на сведоци е од суштинско значење во водењето истраги во случаи на корупција. Тие по својата природа се такви што вклучуваат големи ризици за сведоците кои би можеле да откријат важни информации за откривањето на криминалот. Поради тоа, нагласуваме дека Република Македонија мора да го направи секој можен чекор кон обезбедување што е можно поголема заштита за сведоците во ваквите истраги, велат од Здружението.
Оттаму додаваат дека ги повикуваат сите политички чинители, кои веќе претходно му обезбедија позиција на Специјалното јавно обвинителство да ги гони сторителите на кривични дела кои произлегуваат од прислушуваните разговори, сега да му обезбедат и можност тоа соодветно да ги процесуира случаите.
-Работата на оваа институција е од голема важност во борбата со корупцијата во Република Македонија и поради тоа сметаме дека треба да му се дадат на располагање алатките кои ги има и ЈОРМ, а при тоа и да се елиминираат сите законски пречки кои можат да му попречат во работата, велат од Транспаренси Интернешенел.