Трансформација на умот

by fokus

Треба да престанеме да живееме во минатото, да ги трансформираме умовите и да пристигнеме во сегашноста и во неа да почнеме да живееме, ползувајќи ги правата како еднакви граѓани, но и исполнувајќи ги обврските, кои како граѓани ги имаме, сите до еден, без исклучок

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

Ние на Балканот или во Југоисточна Европа, што би рекле некои типови подеднакво залутани како и ние, не живееме во сегашноста, не се занимаваме со битни работи, не знаеме да одвоиме суштествено од небитно, баратаме со години, бројки и минато, а не со знаење и умеење и се сведуваме на политика, нација и на религија.

Сите ние страдаме од историја и докажување кој е кој и кој е чиј, постојано се вртиме и лутаме застанати со умот некаде во 1903 година, 1913, 1941, 2001 година и никако да фатиме чекор со денешнината и да почнеме да живееме сега. Нормално овие години во кои нашиот ум останал заробен се битни за нас, а за другите земји од Балканот битни се некои други години во кои сè уште живеат и се докажуваат. Тоа важи и за оние држави кои се членки на Европската Унија, ама се однесуваат како да се дел од младотурската револуција.

Сите ние како да живееме во времеплов, па сме секогаш некаде помеѓу минатото и сегашноста, а сегашноста ја исполнуваме и ја живееме во минатото, некаде во 19 и 20 век, без да се свестиме и разбудиме во 21 век, кој одамна е тука. Сите ние заедно се вртиме во круг постојано патувајќи со времепловот некаде во минатото, заборавајќи и игнорирајќи ја сегашноста, неспремни за иднината, која не ја ни гледаме.

НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА НАМЕТНЕ КОЈ СУМ

Секоја држава има нешто на што фрлила око и сака да го земе и присвои, што не води во безумни и глупави негирања на територии, нации, јазик, идентитет. Каква е користа од тоа никому не е јасно, ниту може да ја има, затоа што никој не може да ми наметне и каже кој сум, што сум и кој јазик го зборувам.

Има една стара поговорка која вели дека ако кобилата се ождребила во кочина таа родила ждребе, а не прасе, без оглед на тоа што местото на раѓање е свинска кочина. Со други зборови, попусто им е присвојувањето територии, историја, јазик, затоа што секој од нас знае што е, и не ми е потребен бугарски, грчки, српски или македонски политичар, кој вчера се испилил, да ми каже што сум и кој сум.

Трагично е што такви кусогледи и глупави политичари имаат подеднакво глупави следбеници и навивачи, кои полтронски ја поддржуваа нивната, а и своја глупавост, заборавајќи дека и 500.000 луѓе да повторат една иста глупост, тоа останува глупост, без оглед на бројноста на аудиториумот.

Негирањето на туѓата историја и култура, присвојувањето на територии и луѓе нема да ја направи ниту државата, ниту народот поголеми од она што се, ниту ќе ја поправи и избрише нивната историја. Ниту еден политичар не може да ја смени историјата и фактот дека една земја и народот во неа се борел во двете војни како сојузник на фашизмот, па точно да го докаже своето потекло уште од Адам, или колку и да ја негира и присвојува македонска историја.

Како што присвојувањето на историјата не може никого да направи поголем од она што е, ниту да го престори во нешто што не е, така ни зголемувањето на бројките не може да смени некого, ниту да го направи постручен или покадарен од она што е.

Пумпањето и фалсификувањето на бројките околу бројот на граѓани припадници на определени националности во една држава заради остварување определени права во едно општество, не може да донесе ништо добро ако тие права се со националистички и шовинистички побуди. Илузорно е, и глупаво, определени национални малцинства да ги бараат своите права како граѓани во граѓанско општество притоа, повикувајќи се на својата национална припадност, посебност и бројност, а со крајна цел, не да се инкорпорираат во општеството, туку да се издвојат и гетоизираат врз основа на својата наводна посебност, а заборавајќи ги и игнорирајќи ги обврските што одат под рака со правата.

ПОМЕЃУ ГРАЃАНСКИ И НАЦИОНАЛЕН МОДЕЛ

Во едно граѓанско општество, сите уставни и законски права важат за секој граѓанин поединечно без оглед на националната, верска или друга припадност, па бројноста на националното малцинство е небитна за ползување на правата. Но, во ваков тип на држава, загубена некаде помеѓу граѓанскиот и национален модел, со заробени умови на политичари изгубени некаде во историјата на минатото и криминалот на сегашноста, инсистирањето на бројките и националните права не е поради ползување на правата, туку поради одбегнувањето на обврските, одговорноста и еднаквоста пред законот.

Со ваквиот однос кон државата и општеството, воопшто, се создава и негува шовинизмот, национализмот, неспособноста, нестручноста, неодговорноста и неказнивоста. Шовинизмот вклучува екстремна и неразумна пристрасност во име на која било група на која некој припаѓа, особено кога пристрасноста вклучува злоба и омраза кон ривалските групи. Како поинаку би ги објасниле не така одамна изречените зборови на омраза и закани со војна, дури и од собраниска говорница од некои политичари заробени во стегите на национализмот.

Нестручноста и неспособноста се негуваат, затоа што работните места и позициите во општеството не се резервирани за најспособните, туку за припадници на националностите, без оглед на нивната стручност и способност. Не ретки се примерите кога припадник на национално малцинство добива судиска, обвинителска или функционерска позиција по клуч, само затоа што е припадник на национално малцинство. Тоа, пак, води кон смешни и глупави ситуации, кога истакнат правник се толкува како општински писар, или спроведувач на Рамковен договор, само за да се запази националниот клуч, без оглед на стручноста и кадарноста.

БАДИНТЕРОВО МНОЗИНСТВО

Тоа понатаму води кон издвојување и гетоизирање со постојана закана за блокирање на институциите поради Бадентеровото мнозинство, читај национална припадност. Сето тоа, пак, создава потреба од посебни образовни институции создадени по принципот на национална припадност, а што уште повеќе го разнебитува општеството, ја потенцира раздвоеноста и разликите, води понатаму кон гетоизирање и кон нова нееднаквост.

Нееднаквоста се гледа и во ползувањето на правата, а одбегнувањето на прифаќање на обврските. Дека е тоа така, сведочат бројните извештаи за помалку, или воопшто, неплаќање даноци во определени средини, каде што доминираат припадниците на националните малцинства, неприменувањето или непочитувањето на законот и другите прописи што важат за сите други граѓани. Ова само се потврдува и со последната изјава на еден политичар, кој вели дека оние вработени од рамковниот договор не можат да бидат отпуштени, иако не доаѓаат, или одбијат да дојдат на работа.

Треба да престанеме да живееме во минатото, да ги трансформираме умовите и да пристигнеме во сегашноста и во неа да почнеме да живееме, ползувајќи ги правата како еднакви граѓани, но и исполнувајќи ги обврските, кои како граѓани ги имаме, сите до еден, без исклучок.

Поврзани новости