Дoналд Трамп ја пофали „неверојатната“ реакција на една жена, за која рече дека го следела напаѓачот додека бегал по обидот за атентат. Во своето прво јавно појавување по инцидентот, републиканскиот претседателски кандидат им кажа на толпата дека неименуваната жена видела „нешто лошо“ во напаѓачот.
Обраќајќи им се на поддржувачите во Флинт, Мичиген, Трамп рече дека да се биде претседател е „опасна работа“. „Мислите дека возењето тркачки автомобили е опасно? Мислите дека возењето бикови е прилично страшно, нели? Не, ова е опасна работа“, рече тој.
Трамп не е повреден во инцидентот, а ФБИ потврди дека осомничениот Рајан Рут (58) не го испукал истрелот.
„Морам да кажам дека Тајната служба заврши многу работа, навистина заврши. Еден од агентите одеше неколку дупки напред и виде пушка АК-47“, рече Трамп.
Тој додаде дека една жена го забележала осомничениот како трча кон неговиот автомобил, што и било сомнително, па го следела со сопственото возило и му ја фотографирала регистарската табличка. Вооружениот напаѓач беше уапсен во џип помалку од еден час откако тој наводно побегнал од меѓународниот голф клуб Трамп во Вест Палм Бич, Флорида.
Трамп се наоѓал на неколку стотини метри од напаѓачот. Агентот пукал во правец на напаѓачот, пред овој да ја фрли пушката и да побегне со црн теренец Нисан, пишува Би-би-си.
„Сакате да знаете друг вид на чудо? Значи, човекот трча сега, а има автомобил на еден блок оддалечен од него. И една жена, која возела во автомобил, видела маж на улица, прилично прометна улица, како трча. И таа го следела. Тој влегол во возило. Таа проценила дека е проблрематичен, изгледал поинаку. Паркирала зад неговиот автомобил и почнала да ја фотографира регистрацијата на возилото. Сериозно, кој би го направил тоа“ рекол Трамп.
Тој додал дека нејзината реакција „била навистина неверојатна“. „Жените се попаметни од мажите“, им рекол тој на насобраните и додал дека би сакал да ја запознае.