Американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговиот говор во Конгресот рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски му пишал писмо во кое навел дека е подготвен да го потпише договорот за ретките минерали „во секое време“ и да преговара за мир под раководство на Трамп. Тој додаде дека неуморно работи на ставање крај на „дивјачкиот конфликт“ во Украина.
„Милиони Украинци и Руси се непотребно убиени или ранети во оваа страшна и брутална војна на која не се гледа крајот“, рече Трамп. Тој откри дека денеска добил „важно“ писмо од украинскиот претседател, во кое се наведува дека Киев е „подготвен да седне на преговарачка маса што е можно поскоро“.
„Само што добив писмо. Го ценам што го испрати“, рече Трамп.
„Украина е подготвена да дојде на преговарачка маса што е можно поскоро за да се доближи до траен мир. Никој не сака мир повеќе од Украинците“, ја цитираше Трамп изјавата на Зеленски во писмото, додавајќи дека истовремено преговара со Русија и добива сигнали кои би можеле да значат крај на војната. „Имам сигнали дека се подготвени за мир, зарем тоа не би било прекрасно? – изјави Трамп пред Конгресот.
Според Трамп, Зеленски му рекол дека неговиот тим е достапен „под силно водство на претседателот Трамп за да постигне траен мир“. Трамп вели дека Зеленски, исто така, му рекол во писмото дека „навистина цени се што направи Америка за да и помогне на Украина да го зачува својот суверенитет и независност“. Украина е подготвена да потпише во секое време погодно за вас, се наведува во писмото, рече Трамп.
Зеленски претходно изјави:„Би сакал да ја повторам посветеноста на Украина за мир. Никој од нас не сака бескрајна војна. Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро за да се доближи траен мир. Никој не сака мир повеќе од Украинците“.
Тој истакна дека со неговиот тим се „подготвени да работат под силното водство на претседателот Трамп за да се постигне мир кој ќе трае“.