Трамп тврдеше дека Харис, првата азиско-американска обоена жена која стана потпретседател, претходно го нагласувала само своето индиско потекло, но не и своето црно потекло од Јамајка.
„Не знаев дека таа е црнкинка до пред неколку години, добро, ете се претвори во црнкинка и сега сака да ја препознаат како црнкинка. Па, не би знаел дали е Индијка или црнкинка?“ рече Трамп на годишната конвенција на Здружението.
Харис учеше на Универзитетот Хауард, еден од најзначајните и историски најважните колеџи и универзитети каде учат црни Американци, каде што исто така беше во „сестринството“ на студентки- црнкинки. Како сенаторка, таа беше член на „Црниот кокус“ на Конгресот на САД и ги поддржуваше законодавните предлози на своите колеги насочени кон зајакнување на избирачкото право и политичките реформи.
Трамп постојано ги напаѓа своите противници и критичари на расна основа. Кога почна да се истакнува меѓу републиканците, тој ја пропагираше лажната теорија дека тогашниот претседател Барак Обама – првиот црн шеф на американската држава – не е роден во САД.
За време на овогодинешните републикански номинации за партиски претседателски кандидат, Трамп систематски ја нарекуваше поранешната шефица на дипломатијата во својата администрација, Ники Хејли, ќерка на имигранти од Индија, како „Нимбра“, исмејувајќи го нејзиното целосно име и презиме, Нимарат Ники Рандава.
Појавувањето на Трамп на годишниот собир на Афроамериканското здружение на новинари набрзо стана вжештено, па поранешниот претседател се скара со новинарката на Еј-би-си њуз и оцени дека имала „многу груб вовед“ во неговиот говор: прво го прашала тешко прашање за неговите критики кон црнците и црните новинари, неговите напади врз црните обвинители и вечерата што ја приреди во својот клуб во Флорида за еден пропагандист за „надмоќта на белците“.
„Мислам дека ова е срамно; дојдов овде со добри намери. Го сакам црното население во оваа земја; направив толку многу за црното население на оваа земја“, рече Трамп, продолжувајќи го својот напад врз Еј-би-си, ТВ мрежата за која бара да не биде домаќин на следната претседателска дебата, иако претходно се согласи на тоа.
Трамп ги повтори своите лажни тврдења дека илегалните имигранти „ги преземаат работните места на црнците“, а кога новинарката на Еј-би-си, со која се скара, го праша што е „работа на црнците“, Трамп одговори со „која било работа“ – што предизвика негодување во салата.
Во еден момент тој рече: „Јас бев најдобриот претседател за црнечката популација од Абрахам Линколн“, а публиката одговори со извици „Уаа!“.