Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната во Украина, објави Њујорк пост доцна синоќа.
Во интервјуто за Air Force One во петокот, Трамп рече дека е „подобро да не каже“, кога го прашале колку пати двајцата лидери разговарале.
„Тој (Путин) сака луѓето да престанат да умираат“, изјави Трамп за New York Post.
Кон крајот на јануари, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Путин е подготвен за телефонски разговор со Трамп и дека Москва чека порака од Вашингтон дека и тој е подготвен.
Во петокот, Трамп рече дека најверојатно ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски следната недела за да разговараат за завршување на војната.
Трамп за New York Post изјави дека „секогаш имал добри односи со Путин“ и дека има конкретен план за ставање крај на војната. Сепак, тој не откри повеќе детали.
„Се надевам дека ќе биде брзо. Луѓето умираат секој ден. Оваа војна во Украина е толку лоша. Сакам да ја прекинам проклетата работа“ порача Трамп.