Поранешниот американски претседател и од денеска и единствениот осуден претседател во историјата на Америка, Доналд Трамп, накратко ја коментираше пресудата на поротниците кои расправаа два дена, пред да го прогласат за виновен по 34 обвиненија.
„Ова беше наместено, срамно судење. Вистинската пресуда ќе биде на 5 ноември од народот“, рече кратко Трамп, видно вознемирен, потсетувајќи на очекуваните претседателски избори во Америка во ноември оваа година.
Како што пренесуваат американските медиуми, по читањето на пресудата, Трамп видно вознемирен и вцрвен во лицето ја напуштил судницата.
„Ние не направивме ништо лошо. Јас сум невин човек. Луѓето знаат што се случи овде“, додаде тој.
Трамп, исто така, додаде дека ја обвинува администрацијата на Бајден за судењето.
„Во нашата земја сè е поставено во моментов. Ова беше направено од администрацијата на Бајден со цел да рани или повреди политички противник“, додаде тој.
Сепак, Трамп не застана тука.
„Ќе продолжиме да се бориме, ќе се бориме до крај и ќе победиме затоа што нашата земја отиде по ѓаволите. Немаме иста држава, имаме поделен хаос. Ќе се бориме за нашиот Устав, ова не е готово долго време“, рече тој пред судницата на Менхетен.