Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе потпише извршна наредба за воведување санкции на Меѓународниот кривичен суд (МКС) поради таргетирање на истрагите против САД и нивните сојузници, како што е Израел, изјави претставник на Белата куќа. Според Ројтерс, оваа регулатива ќе вклучува финансиски и визни санкции против поединци и членови на нивните семејства кои му помагаат на МКС во истрагите против американските граѓани или сојузниците на САД, рече претставникот.
Потегот на Трамп доаѓа откако минатата недела демократите во американскиот Сенат ја блокираа републиканската иницијатива за санкционирање на МКС, што беше одговор на издавањето налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана поради воената кампања на Израел во Појасот Газа.
Нетанјаху моментално е во Вашингтон, а МКС не одговори веднаш на барањето за коментар.
Судот веќе презеде мерки за заштита на персоналот од можни санкции на САД, како што е исплата на плати три месеци однапред, како подготовка за финансиски ограничувања што може да ја парализираат работата на Трибуналот за воени злосторства, изјавија извори за Ројтерс минатиот месец.
Во декември, претседателот на судот, судијата Томоко Акане, предупреди дека санкциите „брзо ќе го ослабат работењето на судот во сите случаи и ќе го загрозат самото негово постоење“.
Ова е втор пат МКС да се соочи со американски санкции за своите активности. За време на првата администрација на Трамп во 2020 година, Вашингтон воведе санкции за тогашната обвинителка Фату Бенсуда и една од нејзините најблиски соработници во врска со истрагата на МКС за наводните воени злосторства на американските војници во Авганистан.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) има 125 членови и е постојана институција која може да гони поединци за воени злосторства, злосторства против човештвото, геноцид и агресија на територијата на земјите-членки или од нивните државјани. САД, Кина, Русија и Израел не се членки на МКС.