Трамп во Париз, големо враќање на меѓународната сцена

by Fokus

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп утринава пристигна во Париз, каде ќе присуствува на повторното отворање на катедралата Нотр Дам.

Франс прес објави дека доаѓањето на Трамп во Париз, неговото прво патување во странство по победата на претседателските избори во САД на 5 ноември, е негово големо враќање на меѓународната сцена.

Церемонијата на повторното отворање на готската зграда по разорниот пожар во 2019 година ќе биде можност за светските лидери да слушнат од новоизбраниот претседател на САД кои се неговите намери за остатокот од планетата.

За време на неговиот прв мандат помеѓу 2017 и 2021 година, републиканскиот лидер прекрши голем број дипломатски норми.

Американскиот претседател во заминување Џо Бајден е меѓу педесетте светски лидери поканети во Париз од францускиот претседател Емануел Макрон, но тој на церемонијата ќе биде претставен од неговата сопруга Џил.

Трамп го најави своето пристигнување во Париз во понеделникот на неговата платформа True Social и го пофали францускиот претседател за „вршењето извонредна работа осигурувајќи се дека катедралата Нотр Дам ќе биде вратена во сета своја слава, па дури и повеќе“.

Трамп не кажа дали ќе разговара со други лидери, но француското претседателство соопшти дека ќе биде примен во Елисејската палата од францускиот претседател, кој потоа ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Не е познато дали републиканскиот милијардер, кој е многу критичен кон милијардите долари што САД и ги дадоа на Украина, директно ќе разговара со украинскиот претседател.

Идниот американски претседател постојано изјавува дека има намера силно да се дистанцира од политиката на голема поддршка за Украина, која администрацијата на претседателот Бајден ја спроведува од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Трамп вети дека ќе го реши конфликтот уште пред да ја преземе функцијата на 20 јануари, иако никогаш не објасни како има намера да го стори тоа.

За Макрон, кој е во средината на превирањата поради падот на владата, поканата испратена до Трамп остава впечаток на нешто што е веќе видено, кога францускиот претседател се обидува да омекне американски претседател познат по своите импулсивни постапки и со кој во минатото имал длабоки несогласувања, пишува Франс прес.

Кога дојде во Белата куќа во претходниот мандат во 2017 година, првото патување на Трамп во странство беше патување во Саудиска Арабија за да потпише договор.

Поврзани новости