Трамп тврди дека разговарал со Путин за крај на војната во Украина

by fokus

Доналд Трамп изјави дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за преговарачкиот крај на тригодишната руско-украинска војна, што укажало дека руските преговарачи сакаат да се сретнат со американските колеги.

Трамп за „Њујорк пост“ изјави дека разговарал со Путин, истакнувајќи дека „подобро да не кажам“ само колку пати.

Во коментарите за медиумот во петокот на авионот „Ер Форс 1“, Трамп рече дека верува оти Путин „се грижи“ за гинењето на бојното поле, но не кажа дали рускиот лидер презентирал конкретни работи за ставање крај на речиси тригодишниот конфликт.

Трамп откри дека има план да стави крај на војната, но одби да навлегува во детали. „Се надевам дека е брзо. Секој ден луѓе умираат. Оваа војна е толку лоша во Украина. Сакам да ставам крај на оваа проклета работа“.

Минатиот месец, Трамп процени дека околу 1 милион руски војници и 700.000 украински војници се убиени од почетокот на инвазијата – проценка многу повеќе од бројките што ги презентираа украинските официјални лица или независни аналитичари.

„Пост“ рече дека советникот за национална безбедност, Мајкл Волц, му се придружил на претседателот за време на интервјуто.

„Ајде да ги продолжиме овие состаноци“, рече Трамп. „Тие сакаат средба. Секој ден луѓе умираат. Се убиваат убави млади војници. Млади мажи, како моите синови. Од двете страни. Низ бојното поле“.

Волц не сакаше да потврди дека Трамп разговарал со Путин, велејќи за Ен-Би-Си во неделата дека „сигурно се водат многу чувствителни разговори“ и дека високи американски дипломати ќе бидат во Европа оваа недела „да разговараат за деталите за тоа како да се стави крај на оваа војна и тоа ќе значи да се привлечат двете страни на маса“.

Завршувањето на војната, додаде Волц, се појави во разговори со индискиот премиер Нарендра Моди, кинескиот претседател Ши Џинпинг и лидерите ширум Блискиот Исток. „Сите се подготвени да му помогнат на претседателот Трамп да заврши со оваа војна“, рече Валц и ги повтори коментарите на Трамп дека е подготвен да ја оданочи, оцарини и да ја санкционира Русија.

„Претседателот е подготвен да ги стави сите тие прашања на маса оваа недела, вклучително и иднината на американската помош за Украина. Треба да ги надоместиме тие трошоци, а тоа ќе биде партнерство со Украинците во однос на нивните ретки земјени минерали, нивните природни ресурси, нивната нафта и гас, а исто така и купување на нашите“.

Но, Волц го повтори, како што рече, „основниот принцип“ на администрацијата на Трамп дека Европејците „мора да го преземат овој конфликт понатаму. Претседателот Трамп ќе го прекине тоа, а потоа во однос на безбедносните гаранции тоа ќе бидат директно со Европејците“.

За време на неговата претседателска кампања, Трамп постојано ветуваше дека ќе ја заврши војната брзо ако биде реизбран, често укажувајќи на загубата на животи на бојното поле.

Поврзани новости