Ако не можете судски да ги процесирате, тогаш прогонувате ги, рече поранешниот американски претседател Доналд Трамп на аеродромот во Вашингтон, по сослушувањето пред судот.
Тој оцени дека „ова е многу тажен ден за Америка“
-Ова е многу тажен ден за Америка, а исто така беше многу тажно да се вози низ Вашингтон и да се види нечистотијата и распаѓањето. Ова не е местото од каде заминав, рече Трамп.
Поранешниот американски претседател синоќа се изјасни за невин по обвинението кое го товари за обиди да ги поништи резултатите од претседателските избори во САД во 2020 година.
Би-би-си пренесе дека на Трамп пред крајот на сослушувањето му било кажано дека не смее да комуницира за фактите за случајот против него и мора да одговори на поканата од судот во Вашингтон. Свесен е и за „последиците“ доколку ги прекрши предистражните услови. Неуспехот да се почитуваат судските препораки може да резултира со налог за апсење, отповикани услови за ослободување, притвор и обвиненија за непочитување.
Сојузната судијка Тања Чуткан, која ќе претседава со случајот против Трамп, ќе одреди датум за судење на следното рочиште на 28 август, изјави судијката за прекршоци Моксила Упадјаја, додавајќи дека обвинителите се должни тоа да го сторат во рок од седум дена пред почетокот на судењето.
Обвинителите кажаа дека нема да бараат Трамп да се задржи во притвор пред почетокот на судењето. Еден од обвинителите на самиот крај од рочиштето кажа дека целиот случај ќе има корист од нормално и брзо судење, а адвокатот на Трамп, Џон Лауро, одговори дека на неговиот тим ќе му треба време да ги подготви и проучи доказите на Министерството за правда поврзани со случајот, со оглед на фактот дека владата имаше рок од три години да ги презентира. Тој додаде дека подеднакво е важно, покрај брзото судење, тоа да биде фер и праведно.
Специјалниот обвинител Џек Смит пред три дена поднесе ново обвинение против Трамп, што се состои од четири точки во кои поранешниот претседател е обвинет за измама на САД, заговор за попречување на службените постапки (пренос на власта), попречување и обид за попречување на службената постапка и прекршување на правата гарантирани со законите и Уставот на САД.