Трамп: Спроведувањето на смртната казна ги штити Американците од силувачи, убијци и чудовишта

by Fokus

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ќе му наложи на своето Министерство за правда „енергично да продолжи“ со смртната казна за да ги заштити Американците од „насилни силувачи, убијци и чудовишта“ кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.

Изјавата на Трамп на платформата „Трут соушал“ беше одговор на изјавата на претседателот Џо Бајден во понеделникот дека ги ублажил казните на 37 од 40 осуденици на смрт, претворајќи ги во доживотен затвор без помилување.

„Штом ќе бидам инаугуриран, ќе побарам од Министерството за правда енергично да ја спроведе смртната казна за да ги заштити американските семејства и деца од насилни силувачи, убијци и чудовишта“, рече Трамп.

Трамп ги врати федералните егзекуции за време на неговиот прв мандат од 2017 до 2021 година, по речиси 20-годишна пауза.

Бајден, кој се кандидираше за претседател, противејќи се на смртната казна, ги стави федералните егзекуции во мирување кога ја презеде функцијата во јануари 2021 година.

За разлика од извршните наредби, одлуките за помилување не можат да бидат поништени од наследникот на претседателот, иако смртната казна може да се бара поагресивно во идни случаи.

Транзицискиот тим на Трамп во понеделникот ја осуди одлуката на Бајден, нарекувајќи ја „одвратна“ поради помилувањето на „најлошите убијци во светот“.

Поврзани новости