Американскиот претседател Доналд Трамп и понатаму сака американските сили да се вратат од Сирија што е можно побргу, објави Белата куќа откако францускиот претседател Емануел Макрон рече дека го уверил Трамп да ги задржи силите во Сирија подолго време.
– Американската мисија не е променета – претседателот беше јасен дека сака американските сили да се вратат што е можно побргу, изјави Сара Сандерс во соопштение.
– Одлучни сме целосно да ја поразиме ИД и да создадеме услови кои ќе спречат нејзино враќање. Освен тоа, очекуваме од нашите регионални сојузници и партнери да преземат поголема одговорност и воено и финансиски со цел регионот да стане безбеден, рече таа.
Макрон вчера изјави дека го уверил Трамп, кој сака да ги повлече американските сили од Сирија, да ги задржи во земјата.
Во телефонски разговор пред заедничкиот американски, француски и британски напад врз сириски воени цели во саботата, Макрон изјави дека го убедил Трамп да не се повлекува од Сирија.
– Го уверивме дека е потребно да се остане таму, рече тој.