Трамп сака членките на НАТО да трошат 5 отсто од својот БДП за одбрана

by fokus

Доналд Трамп сака земјите од НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на повеќе од двојно од сегашната цел, објавија Фајненшл Тајмс и Телеграф.

Според извештаите, тимот на Трамп им рекол на европските претставници дека новоизбраниот претседател на САД очекувал сојузниците во НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на 5 отсто од националниот бруто домашен производ по неговата инаугурација на 20 јануари – повеќе од двојно повеќе од сегашната цел на Алијансата од 2 отсто.

Тимот на Трамп, исто така, наводно, рекол дека претстојната американска администрација ќе продолжи да ја поддржува Украина.

Изборот на Трамп доведе до загриженост во Европа за иднината на поддршката на САД за Киев, откако Трамп и новоизбраниот потпретседател Џеј Ди Венс ја критикуваа администрацијата на Бајден за трошење милијарди на воена помош за Киев за време на претседателската кампања.

За време на неговиот прв мандат, Трамп веќе предложи членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на 4 отсто од БДП. Извештајот на НАТО во јуни покажа дека рекордни 23 земји членки од 32 ја постигнале целта на Алијансата од 2 отсто за трошоци за одбрана.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте делумно застана на страната на Трамп по ова прашање. „Ќе мораме да потрошиме повеќе… Ќе биде многу повеќе од 2 проценти. Јас сум за тоа“, рече Руте за време на самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта минатиот месец.

„Време е да се префрлиме на размислување за време на војна“, рече Руте подоцна по извештаите дека НАТО ќе постави нова цел на трошоците од 3 отсто од БДП до 2030 година.

Во интервју за Ен-Би-Си на 8 декември, Трамп рече дека Вашингтон „апсолутно“ ќе остане во НАТО „доколку тие [сојузниците] си ги платат сметките“ – и дека нема да има проблем да замине ако тоа не е случај.

Поврзани новости