Трамп рече дека цел свет ги ограбува САД

by Fokus

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека целиот свет ги ограбува Соединетите Американски Држави реагирајќи на воведувањето царини од 50 отсто за американското виски од страна на Европската унија (ЕУ).

Трамп повторно ја критикуваше досегашната трговска политика на САД и рече дека земјата е во загуба во глобалните трговски односи.

– САД немаат слободна трговија. Имаме „глупава трговија“. Цел свет не ограбува! – напиша американскиот претседател на својата социјална мрежа „Truth Social“.

Тој беше огорчен затоа што ЕУ воведе царини од 50 проценти за вискито.

Американскиот претседател рече дека ЕУ ги злоупотребува даноците и царините на „најнепријателски начин“ и додаде дека тие се „создадени со единствена цел да ги искористат САД“ поради што воведе „гадна тарифа“.

Во објава на социјалните мрежи, Трамп предупреди дека ќе воведе царини за европскиот алкохол доколку Европската унија не го укине данокот за американското виски, пренесува „Блумберг“.

– Доколку оваа тарифа не се отстрани веднаш, САД наскоро ќе воведат царина од 200 проценти за сите производи за вино, шампањ и алкохол што доаѓаат од Франција и другите земји од Европската унија. Ќе биде одлично за бизнисот со вино и шампањ во САД – напиша тој.

Европската комисија објави дека ќе ја прекине сегашната суспензија на царините за американските производи на 1-ви април и дека нејзините мерки целосно ќе стапат на сила до 13-ти април.

Властите во Брисел го оданочија американското виски за да се одмаздат на царините на Трамп за челик и алуминиум кои стапија на сила во средата.

Поврзани новости