По едно и полчасовниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, американскиот претседател Доналд Трамп денеска разговарал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесе Киев индипендент.
,,Штотуку разговарав со претседателот на Украина, Володимир Зеленски“,напиша Трамп на Трут сошл. „Разговорот помина многу добро. Тој, како и претседателот Путин, сака да постигне МИР. Разговаравме за различни теми поврзани со војната, но најмногу за средбата што се одржува в петок во Минхен, каде што делегацијата ќе ја предводат потпретседателот Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио. Се надевам дека резултатите од таа средба ќе бидат позитивни. Време е да се запре оваа бесмислена војна, каде што имаше масовни, и тотално непотребни СМРТ и УНИШТУВАЊЕ. Господ да го благослови народот на Русија и Украина!“
Само што разговарав со Доналд Трамп“, изјави Зеленски по разговорот. „Долг разговор. За можностите за постигнување мир. За нашата спремност да работиме заедно. За нашите технолошки способности, вклучувајќи беспилотни летала и друго модерно производство“.
„Украина сака мир повеќе од кој било друг. Ги дефинираме нашите заеднички чекори со Америка за да ја запреме руската агресија и да гарантираме сигурен, траен мир“, додаде тој.
Неколку часа претходно, Трамп оствари повик со рускиот претседател Владимир Путин, во кој се согласиле дека преговорите за ставање крај на војната во Украина ќе почнат „веднаш“.
Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, двајцата лидери разговарале 90 минути, а Путин го поканил Трамп во Москва.
Трамп додаде дека оформил тим, составен од државниот секретар Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Ретклиф и советникот за национална безбедност Мајкл Валц, да ги водат преговорите.
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и Рубио ќе се сретнат со Зеленски на 14 февруари за да започнат официјални мировни преговори, објави Трамп на Трут сошл.