Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин сака да се сретне со него и дека договараат средба, но не прецизираше временска рамка кога ќе се одржи.
Трамп во четвртокот пред состанокот со републиканските гувернери во Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, рече дека „конфликтот во Украина мора да заврши“, објави Ројтерс.
Враќањето на Трамп во Белата куќа на 20 јануари ги зголемува надежите дека ќе се најде дипломатско решение за војната во Украина. САД досега обезбедија 175 милијарди долари помош за Украина, вклучително и повеќе од 60 милијарди долари воена помош.
Сепак, неизвесно е дали помошта ќе продолжи со истото темпо откако Трамп ќе ја преземе функцијата, бидејќи тој рече дека сака што поскоро крај на конфликтот во Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во четвртокот изјави дека Путин ќе ја поздрави поканата на Трамп за средба, но истакна дека досега немало официјално барање.
„Посоодветно би било да се почека Трамп прво да ја преземе функцијата“, рече Песков.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Трамп може да одигра одлучувачка улога во исходот на конфликтот во Украина и, како што рече, да помогне „да се запре Путин“.