Американскиот претседател Доналд Трамп уште еднаш го нападна украинскиот претседател Володимир Зеленски, наведувајќи дека „нема карти“ во рацете и затоа нема потреба да учествува на состаноците. Тој исто така рече дека рускиот лидер Владимир Путин може, доколку сака, да ја преземе цела Украина.
-Го гледав со години, го гледав како преговара без карти. Тој нема карти во рацете. И ти се гади од тоа. Едноставно ти се гади од тоа. Доста ми е… Тој присуствува на состаноци веќе три години, а ништо не е направено.
Значи, мислам дека тој не е толку важен што треба да биде на состаноците, да бидам искрен со вас. Тој многу го отежнува постигнувањето договор. Но, погледнете што се случи со неговата земја, таа беше уништена – рече Трамп за Зеленски во интервју за „Шоуто на Брајан Килмид“ на радиото Фокс њуз.
Трамп рече и дека Путин би можел да ја преземе цела Украина „ако сака“. Тој додаде дека токму затоа Зеленски треба да работи на договор со земјата која ги нападна пред речиси три години.
-Тој сака да склучи договор и не мора да склучува договори бидејќи може да ја добие целата земја ако сака – рече Трамп за Путин.
Трамп остро ги критикуваше поранешниот претседател Џо Бајден и Зеленски, обвинувајќи ги дека не направиле доволно за да направат компромис што би ја одвратил Русија од инвазијата што започна во февруари 2022 година.
-Можеше да се зборува за Путин толку лесно, но тие не знаеја како да разговараат – рече Трамп и изрази разочарување што Зеленски го отфрли договорот за минерали.