Американскиот претседател Доналд Трамп побара во понеделникот од гувернерите на сојузните држави посилно да се пресметаат со демонстрантите во безредијата кои ги зафатија САД по полициското убиство на афроамериканецот Џорџ Флојд минатиот понеделник во Минеаополис, кои излегоа под контрола предизвикувајќи силни разорувања и неколку смртни случаи.
Протестите, за кои медиумите известуваат дека преку ден се главно мирни, ноќе стануваат насилни со подметнување пожари, вооружени грабежи и судири со полицијата.
-Морате да доминирате, ако ја немате контролата го губите своето време. Ќе ве прегазат. Ќе изгледате како куп будали, им рекол претседателот Доналд Трамп на гувернерите на сојузните држави во текот на видео-конференцијата која се одвиваше зад затворени врати, а од која аудио-снимка објави телевизијата CNN којашто отворено од 2016 година е против републиканскиот претседател.
„Тоа е движење, доколку не го згаснете, ќе стане сѐ полошо и полошо. Единствено е успешно кога сте слаби, а повеќето од вас се слаби“, додал Трамп, според споменатата снимка.
На Тим Волц, гувернерот на Минесота каде што загина Флојд, Трамп му рекол дека е предмет на „исмејување во целиот свет“, поради тоа што не одговорил доволно агресивно во текот на првата ноќ од протестите кога тие станале насилни, јавува CNN.
Кога подоцна зборуваше на прес-конференцијата во понеделникот, Волц рече дека „втората ноќ на безбедноста и редот на нашите улици“ го замени насилството кое е видено минатата седмица, но дека не сака „да создава слика дека тоа е готово“. „Имавме можност, ја променивме насоката кон којашто ова одеше“, рече.
Волц додаде дека комеморацијата за Флојд, кого полицајците го бркале по пријава дека во продавница разменувал фалсификувани чекови, треба да се одржи во четврток нарекувајќи го тоа важен настан и за градот Минеаполис и за државата Минесота, и „за нацијата“.
На бдеењето во понеделникот, братот на убиениот апелираше граѓаните да продолжат со протестите, но да се воздржат од насилства.
-И натаму ќе продолжиме со ова, но мирно, рече Теренс Флојд. Додаде дека насилните протести „можат на момент да дадат сатисфакција“, но дека предизвикуваат штета. Рече и дека пречестите брутални инциденти на полицијата водеа до насилни протести кои не резултираа во промената на политиките. „Ова што го правите, го правите попусто, бидејќи тоа нема да го врати мојот брат. Тој не би сакал сево ова да го правите“, рече.
Националната гарда е мобилизирана во 23 сојузни држави за да им помогне на преоптоварените локални сили за одржување на редот, што е една од најголемите нејзини активности изминатите години.
Гувернерот на Минесота, најави дека делумно ќе ја демобилизира Националната гарда во својата сојузна држава. Тим Волц доаѓа од редовите на Демократско фармерско-работничката партија на Минесота (DFL) којашто е дел од Демократската партија и е настаната со спојување на Демократската партија и Земјоделско-работничката партија на Минесота, и една од само двете коациски партии кои делуваат на државно ниво со различно име, како што е партијата Демократска непартиска лига на Северна Дакота.
Белата куќа во понеделникот соопшти дека дополнителните сојузни сили ќе бидат ангажирани да одговорат на протестите ширум земјата, откако тие во многу држави станаа насилни и ги натера гувернерите да побараат помош од Националната гарда.
Во понеделникот претседателот Трамп имаше уште со два разговора, со министерот за одбрана Марк Еспер и со министерот за правда и државен обвинител Вилијам Бар, и „ширум земјата ќе се ангажираат дополнителни сојузни ресурси“, рече Кајло Мекинани, шефица на одделот за односи со јавноста на Белата куќа.
Претседателот Трамп досега сѐ уште немаше специјално обраќање до нацијата во врска со протестите, иако веднаш го изрази своето сочувство поради смртта на Флојд и побара правда.
Во продолжение изминатите неколку денови Трамп во низата твитови ја обвини екстремната левица и анархистите за смислено поттикунување и учество во насилните немири, поврзувајќи ги со Демократската партија, чиишто финансиери во американските медиуми се истакнуваат и како финансирани на овие неформални ткн активистички групи.
Демонстрантите, како и во текот на масовните протести исто така проследени со насилни безредија во 2014 година, повикуваат на ставање крај на дискриминацијата на полицијата против црнечката заедница. Белата куќа во текот на викендот негираше дека во САД постои системски расизам, и тврдеше дека станува збор за „гнили јаболка“ во некои полициски оддели.