Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се состана со Доналд Трамп на имотот на поранешниот претседател во Флорида. Ова беше нивна прва средба лице в лице по речиси четири години, во обид да го поправат својот политички сојуз.
Посетата на Нетанјаху дојде на петтиот ден од неговата посета на Вашингтон и еден ден откако тој се сретна со потпретседателката на САД Камала Харис, која го повика Нетанјаху да постигне договор за прекин на огнот со Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од страна на САД и Велика Британија.
Во соопштението од кабинетот на Трамп е наведено дека тој ветил во разговорот со Нетанјху дека „ќе вложи максимални напори за да донесе мир на Блискиот Исток“ и ќе се бори против антисемитизмот во колеџските кампуси доколку американските гласачи го изберат за претседател во ноември.
Долгогодишниот израелски лидер го промени распоредот на патувањата за неговата посета на САД за да оди на Флорида на средба со Трамп, пишува новинската агенција Ројтерс.
Посетата на Нетанјаху на САД се совпаѓа со промената на американската политика. Во неделата, Бајден се повлече од претседателската трка во САД под притисок на колегите демократи и ја поддржа Харис за претседателската номинација на партијата во 2024 година.