Доналд Трамп го осуди американскиот претседател Џо Бајден што дозволил да се случи „еден од најлошите порази на Америка“ откако талибанските борци го освоија Авганистан. Сегашниот американски врховен командант молчи за дебаклот.
-Она што го направи Џо Бајден со Авганистан е легендарно. Ќе биде запамтено како еден од најголемите порази во американската историја, , рече Трамп.
Toj во друга порака рече дека Бајден „треба посрамено да поднесе оставка за она што дозволи да му се случи на Авганистан, заедно со огромниот пораст на ковид, граничната катастрофа, уништувањето на енергетската независност и нашата осакатена економија“.
-Тоа нема да биде некоја голема работа бидејќи и онака не беше избран легитимно, додаде Трамп, осврнувајќи се на наводите за изборни измами на претседателските избори во САД, што тој и неговите поддржувачи ги упатуваа против демократите. Судовите досега отфрлија десетици тужби на републиканците во кои се оспоруваа изборите.
Бајден, пак, викендов на Трамп му ја префрли вината за огромниот напредок на талибанците, велејќи дека администрацијата на неговиот претходник склопила договор со кој исламистичката група дошла во најсилната воена позиција од 2001 година, а авганистанските владини сили се деморализирале.
Трамп во саботата рече дека неговиот план за повлекување ќе обезбедел уредно излегување, а неговата администрација ќе поставела „цврста пречка“ што ќе осигурела дека талибанците „никогаш нема ни да сонуваат“ да ја заземат американската амбасада или да си обезбедат база за терористички напади против Америка. Тој рече дека Бајден, наместо тоа, „истрча од Авганистан“.
-Талибанците веќе немаат страв ниту почит кон Америка или моќта на Америка. Колкав ли ќе биде срамот кога талибанците ќе го кренат своето знаме над американската амбасада во Кабул. Ова е целосен неуспех поради слабост, неспособност и целосна стратегиска недоследност, рече Трамп.