Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп во саботата го отфрли предлогот за нова дебата со неговата демократска противкандидатка Камала Харис.
„Проблемот со друга дебата е што едноставно е доцна. Гласањето веќе започна“, рече поранешниот претседател за време на предизборниот митинг во Северна Каролина, мислејќи на почетокот на предвременото гласање во одредени држави.
Кампањата на американскиот потпретседател Харис објави дека кандидатот на демократите ја прифатил поканата на CNN да учествува на дебатата на 23 октомври.
„Потпретседателката Харис е подготвена повторно да се соочи со Доналд Трамп на сцената и таа ја прифати поканата на CNN за дебата на 23 октомври. Доналд Трамп не би требало да има проблем да ја прифати таа дебата“, пишува во соопштението на нејзиниот предизборен тим.
Харис и Трамп ја одржаа својата прва дебата на 10 септември, а анкетите покажаа дека таа победила.
Потоа, Трамп рече дека нема да учествува во друга дебата со Харис пред изборите на 5 ноември.
„Нема да има трета дебата“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social. Тој веќе учествуваше во дебата против претседателот Џо Бајден во јуни.
По таа дебата, Бајден се повлече од трката.