(Видео) Трамп одби да даде дополнителни безбедносни гаранции:„ Нашите луѓе секако ќе бидат таму“

by Fokus

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот за минерални суровини со Украина е безбедносната гаранција што му е потребна на Киев против Русија, отфрлајќи ја молбата на британскиот премиер Кир Стармер за дополнителна американска воена поддршка.

Тој за време на средбата со Стармер нагласи дека Украина нема да влезе во НАТО.

„Можеме да кажеме дека ќе влезе во НАТО, но тоа нема да се случи. Баш поради тоа и почна војната“ рече Трамп одговарајќи на новинарско прашање.

Стармер, кој се сретна со Трамп за првпат во Белата куќа, се обиде да му се допадне на Трамп, велејќи дека мирот во Украина е можен само благодарение на него. Пред средбата Стармер истакна дека долгорочниот мир во Украина не е можен без силни американски безбедносни гаранции, кои Трамп речиси целосно ги отфрли.

Трамп рече дека договорот за минерали со Украина сам по себе ќе ја гарантира безбедноста на Украина со оглед на тоа што американските компании ќе бидат на терен. „Нашиот народ ќе биде таму, тоа само по себе ја гарантира безбедноста на Украина“, рече Трамп.

Трамп изрази оптимизам дека може да се постигне договор за прекин на огнот во Украина и дека рускиот претседател Владимир Путин ќе го почитува таквиот договор.

„Пред нас е дискусија за тоа како ова може да функционира. Треба да се погрижиме договорот да трае“, нагласи британскиот премиер. Стармер посочи дека Британија ќе ги зголеми трошоците за одбрана и ќе се обиде да го убеди американскиот претседател дека Европа ќе обезбеди поддршка и безбедносни гаранции за Киев доколку мировните преговори со Русија бидат успешни.

Поврзани новости