Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека ја одложил за еден месец одлуката за воведување царини од 25 отсто за сите стоки од Мексико. Ова прво го соопшти мексиканската претседателка, Клаудија Шејнбаум, која денеска имаше телефонски разговор со американскиот претседател, пренесе Би-Би-Си.
Подоцна се огласи и самиот Трамп и потврди дека ја донел оваа одлука. Американскиот претседател ова го соопшти на својата социјална мрежа Truth Social.
„Се договоривме веднаш да ги паузираме предложените тарифи за период од еден месец во кој ќе водиме преговори предводени од државниот секретар Марко Рубио, секретарот за финансии Скот Бесант и секретарот за трговија Хауард Лутник и високи претставници на Мексико“ наведе Трамп во пораката и додаде:
„Ќе имаме повеќе за ова со вас наскоро“.
Во меѓувреме, првата жена претседателка на Мексико во историјата на земјата одржа утринска прес-конференција и откри дека нејзиниот разговор со Трамп довел до нов договор. Таа доби аплауз од присутните кога објави дека воведувањето на тарифите се одложува за еден месец.
Телефонскиот разговор меѓу Шејнбаум и Трамп траел околу 45 минути.
„Имавме заеднички интерес. Се договоривме да соработуваме за миграцијата, како и за фентанил и други лекови“, рече таа.