Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во интервју за магазинот „Тајм“ изјави дека нема да се откаже од поддршката за Украина и дека сака долгорочен мир.
„Не можете да склучите договор ако ја напуштите Украина. Мислам дека оваа воена состојба треба да заврши што е можно поскоро, бидејќи бројот на загинати, и руски и украински, е ужасен“, изјави Трамп за американскиот магазин, кој го избра за Личност на годината.
Трамп истакна дека ако тој беше претседател кога започна конфликтот во 2022 година, војната во Украина немаше да се случи.
Тој силно ја критикуваше дозволата за употреба на американски ракети со долг дострел за цели на територијата на Русија, нагласувајќи дека тоа е голема грешка што само ја влошува војната и севкупната ситуација.
Зборувајќи за Блискиот Исток, Трамп посочи дека смета оти решавањето на проблемите во тој регион е полесно отколку ситуацијата во Украина.
Тој смета дека „Блискиот Исток ќе се реши“ и посочи дека 7 октомври 2023 година, денот кога Хамас го нападна Израел, бил „трагичен за целиот свет“.
Трамп повтори дека би сакал да види крај на насилството на Блискиот Исток и дека е подготвен да ги разгледа сите опции за долгорочен мир.
Тој нагласи дека мора да има „запирање на убивањето луѓе“, без разлика дали се работи за Палестинци и Израелци или Украинци и Руси.
Кога станува збор за Иран, Трамп рече дека ситуацијата е многу нестабилна, но дека верува дека мирот ќе дојде дури кога тој формално ќе дојде на власт.
Одговарајќи на прашање за можноста за војна со Иран, Трамп не го исклучи ваквото сценарио, велејќи дека „се може да се случи“.