Американскиот претседател Доналд Трамп даде кратка изјава на својата социјална мрежа Truth social по одржувањето на самитот во Лондон.
„Треба помалку да се грижиме за Путин, а повеќе за бандите силувачи меѓу мигранти, нарко босовите, убијците и луѓето од психијатриски институции кои влегуваат во нашата земја – да не завршиме како Европа! порача тој.
Европските лидери се состанаа на клучниот самит во Лондон по спорот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски во петокот во Белата куќа. Трамп го обвини Зеленски дека е неблагодарен за американската помош, дека покажува непочитување кон неговата земја и ризикува Трета светска војна, фрлајќи сомнеж дали Вашингтон ќе продолжи да ја поддржува Украина. Зеленски ги напушти разговорите и САД.
Зеленски, кој разговараше со новинарите по самитот со европските лидери во Лондон, рече дека не верува дека САД ќе ја прекинат својата помош за Украина бидејќи, како „лидери на цивилизираниот свет“, тие не би сакале да му помогнат на рускиот претседател Владимир Путин.
Сепак, Зеленски рече дека е подготвен за сите предизвици што може да се појават. „Во однос на спасувањето на врската, мислам дека нашата врска ќе продолжи“, изјави тој за новинарите по средбата во Лондон.
„Мислам дека не е во ред таквите дискусии да бидат целосно јавни. Форматот на она што се случи, мислам дека не донесе ништо позитивно или дополнително за нас како партнери“, додаде тој. Зеленски напомена дека се уште е подготвен да го потпише предложениот договор за минерали со САД и дека верува дека и САД ќе бидат подготвени да го сторат тоа.